• Горан Упале

Кошаркарите на Пелистер во среда го играат вториот дуел од серијата за третото место против ТФТ, во „Боро Чурлевски“ пред битолската публика.
Целта е јасна, по импресивното издание и убедливиот триумф во Скопје за водство од 1-0, на утрешниот дуел со нова победа да се дојде до конечен триумф во серијата и да се освои бронзата за оваа сезона во македонскиот шампионат.
„На првиот натпревар покажавме и квалитет и карактер, максимално залагање и желба за триумф што не беше нималку лесно по оној пораз во мајсторката со МЗТ. Сега пред нас е нов предизвик, го играме последниот натпревар во Битола за оваа сезона. Благодарни сме им на навивачите за поддршката што ни ја даваа сите овие месеци, сакаме да им се оддолжиме со триумф за крај на сезоната и да го освоиме третото место“, порачуваат кошаркарите на Пелистер во пресрет на утрешниот натпревар
Натпреварот во Битола е закажан за од 19:00 часот.


