• Горан Упале
Mакедонскиот кошаркарски вицешампион Пелистер денеска го очекува нов голем предизвик, во рамките од третото коло од АБА2 лигата во салата „Боро Чурлевски“ во Битола гостува српскиот претставник Џокер.
Битолчани по првите две рунди имаат една победа и еден пораз, додека Џокер веќе нанижа две победи, на домашен терен со Широки и на гостувањето против Подгорица. Во ситуација кога Подгорица синоќа славеше на гостински терен против Широки Бријег, јасно е зошто битолчани вечерва мораат да триумфираат ако сакаат да си ги зголемат шансите за едно од првите две места во групата.
„На домашен терен ја пречекуваме екипата на Џокер од Сомбор, исклучително важен натпревар за нашата екипа, бидејќи играме пред нашата битолска публика. Екипата на Џокер е склоп на млади и искусни кошаркари, кои се доста енергични, како во нападот, така и во одбраната. Клучно ќе биде ние да одиграме квалитетна одбрана, ако ја запреме нивната офанзивна транзиција ќе стигнеме до посакуваната победа. За нас е многу важно да се вратиме на победнички патеки, но и да останеме непоразени на домашен терен, каде редиме само победи од стартот на сезонава. Ја повикувам битолската публика и „Чкембарите“ да дојдат во што поголем број и да ни дадат поддршка, за на крајот заедно да се радуваме“, рече Дарко Најдовски, битолчанецот кој воедно е и капитен на КК Пелистер.
Андрија Бојиќ повторно нема да може да им помогне на соиграчите поради повреда на зглобот, но тренерот Петровиќ е оптимист дека „зелено-белите“ ќе се покажат во одлично светло и со помош на навивачите ќе стигнат до толку посакуваниот триумф.