Пелистер запиша историска победа, МЗТ по продолжение падна во Битола!

Кошаркарите на Пелистер израмнија во финалната серија против МЗТ Скопје (82-79). Битолчани ја добија неизвесната битка во „Боро Чурлевски“ и по едно продолжение од пет минути стигнаа до прва победа во деби настапот во финалето за шампионската титула.

Во прекрасна атмосфера и рекордна посета сезонава на кошаркарски натпревар во Битола, пелистерци ја прекинаа серијата од три порази против „металците“ и израмнија во финалната серија до три победи. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и МЗТ Скопје: 

Публиката го водеше домашниот тим кон солидна прва четвртина. Нападот си ја заврши работата, а одбраната придонесе екипата на Марјан Илиевски да ја преземе контролата врз вториот натпревар од финалната серија. Аеродромци одговорија со подобро издание пред паузата, но имаа мал пад кој противникот го искористи за одново да побегне на солидна позитива. Во последната минута пелистерци искористија неколку напади во низа и заминаа на пауза со 39-31.

Меѓутоа шампионот покажа зошто е фаворит во финалето и за краток период направи целосен пресврт. Домашниот тренер мораше да реагира, бидејќи МЗТ Скопје Аеродром по пет минути игра во второто полувреме поведе со 44-47. Офанзивата на „зелено-белите“ затаи, па тоа беше причина за подоброто светло на „штрковите“. На крајот од третиот период екипите беа во егал, што беше најава за неизвесната завршница во Битола.

Домашните играчи тргнаа со 6-0 во последниот период. Тоа им овозможи да имаат позитивен резултат до крајот на натпреварот. Пелистер стигна до клучна предност со тројката на Стајиќ. Потоа истиот кошаркар украде топка, а Кесар реализира втора акција во низа. Возврати Војдан Стојановски со тројка, а по промашениот зицер на Малешевиќ, Ајви израмни на 70-70, па мечот се одлучуваше во продолженијата. Победникот се одлучуваше во последните секунди. Малешевиќ погоди две слободни фрлања, а МЗТ Скопје Аерором не го искористи својот напад и запиша минимален пораз. 

Малешевиќ постигна 20, Кесар заврши со 15, а Стајиќ додаде 14 поени за Пелистер, а кај МЗТ Скопје Аеродром, Војдан Стојановски реализира 16 поени. Следниот натпревар се игра во Скопје за два дена.