• Мартин Танасковски
Екипата на Пелистер влезе во последната фаза од подготовките за новата сезона, дел што тренерот Петровиќ, членовите на стручниот штаб и кошаркарите ќе го минат на Златибор, Србија.
Целта е јасна, да се крене формата, но и заедништвото и атмосферата во целата екипа, за остварување на високите цели што се поставени во пресрет на новата сезона. Како дел од овој подготвителен период Пелистер ќе одигра и две пријателски средби, на 19 септември противник ќе биде екипата на Приморје, а за 21 септември е закажан дуелот со Златибор.
„Пред една година рековме дека правиме сериозен клуб на здрави темели. Лани целта ни беше целосна финансиска стабилизација и максимално успеавме во тоа, сега сакаме да одиме чекор напред од секој аспект, како организациски така и резултатски. Заминување на подготовки надвор од сопствената сала е нешто сосема нормално во модерниот спорт, тренд што за жал во кошарката веќе извесно време е напуштен. Наша обврска како управа е Пелистер да функционира на највисоко ниво и кошаркарите и стручниот штаб да ги имаат најдобрите можни услови, овие подготовки се само потврда на нашите заложби“, изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски.
Кошаркарите на Пелистер отворањето на новата сезона ќе го имаат на 28 септември, кога во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе се сретнат со МЗТ Скопје во Супер-купот на Македонија. Неколку дена подоцна, на 1 октомври ќе биде одигран и првиот меч од АБА2 лигата во кој „пелистерци“ на домашен терен во „Боро Чурлевски“ ќе ја пречекаат екипата на Сутјеска.