• Мартин Танасковски

Екипата на Пелистер дојде до тешка победа над Чаир 2030 на гостински терен (69-64) и се искачи на делба на третата позиција со Кожув во Првата лига на Македонија. Чаир, пак, останува на позицијата број осум, последна која води во плеј-офот.
- Комплетниот натпревар меѓу Чаир 2030 и Пелистер:
Дуелот меѓу двата тима почна во знакот на домаќинот, кој во првиот квартал успеа да избега на 18-12, но следеше пад на тимот на Рамадан, па Пелистер тоа го искористи и по десет минути игра имаше 18-19. Битолскиот состав ја продолжи добрата серија и во вториот период, затоа што поведе двоцифрено со 20-31, но и тоа не беше доволно за мирно да се игра овој дуел.
По полувремето во салата „Шабан Трстена“, Чаир се врати, поведе со 40-41 и оттогаш па до крајот беше драматично. Двете страни си го предаваа водството, никој не избега на повеќе од четири поени плус, а прашањето околу победникот се реши на самиот крај. Беше 62-61 за Чаир, но Антоан и Галовеј од Пелистер врзаа четири поени, за 62-65.
Тоа беше знак за тајм-аут на домашниот тренер, по кој чаирчани реализираа две слободни преку Какруки. Остана минута до крајот, во која битолчани направија серија од четири поени на Антоан и Мишковиќ, па ја осигураа победата.
Најдобар стрелец кај победникот беше Никола Мишковиќ со 20 поени, пред Џонатан Галовеј и Брајан Антоан со по 15 постигнати поени, додека кај чаирчани, се истакна Ваљмир Какруки со 20 поени и десет скока, пред Јов и Мофит со по 12 поени.