• Иван Димовски
Кошаркарите на Пелистер со победа ја отворија новата АБА2 сезона, откако во првото коло од групната фаза дома славеа против Широки со 74-72. Првпат во историјата се играше јадранската лига во „Боро Чурлевски“, а навивачите можат да бидат задоволни од прикажаното и резултатот.
Перфектно отворија момците на Петровиќ, тргнаа со 9-0 и изгледаа добро на паркетот. Гостите успеаја да се консолидираат, па пред крајот на четвртината и минимално поведоа, а на првиот одмор се замина со егал (19-19). Пелистерци повторно се наметнаа и во вториот период, поведоа со 34-25, но пак имаа осцилации и пад во играта. На полувреме резултатот гласеше 37-33 за македонскиот вицепрвак.
Во продолжението „зелено-белите“ продолжија со ист ритам, прво се одлепија на 47-39, а потоа имаа пад до 52-50. Ништо не се промени во последната четвртина. Во неа Пелистер имаше најголема осцилација бидејќи водеше со +13 (67-54), а потоа му дозволи серија од 0-12 на гостинот за 67-66. Во последните минути имаше драма и пенал завршница во која пелистерци издржаа и минимално славеа.
Најефикасен играч на мечот беше Ребец од Широки со 26 поени, додека кај Пелистер се истакна Брајан Антоан со 16 и Никола Мишковиќ со 13 поени и 11 скока.