• Иван Димовски

Кошаркарите на Пелистер го декласираа Куманово со 92-62 и славеа во мечот од 18. коло на Суперлигата на Македонија. Натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ му припадна на домаќинот кој демонстрира сила и убедливо победи на крајот против ривалот за висок пласман.
Стартот на средбата им припадна на кумановци, бидејќи поведоа со 4-11. Сепак, пелистерци влегоа во добар ритам и успеаја да се вратат до егал (13-13). Во првата четвртина гостите водеа константно со исклучок на еден момент кога домашните имаа минимална предност, а пон десет минути резултатот беше 23-24. Избраниците на Боро Даскаловски се консолидираа во вториот период и го презедоа главниот збор. Иако не успеаја да се одлепат делуваше дека имаат контрола, а на одмор заминаа со 44-39.
Гостите од Куманово почнаа да паѓаат по паузата, па предноста почна да расте. Првпат „зелено-белите“ поведоа двоцифрено со 59-48, а до крајот на четвртината сериозно се одлепија (65-49). Момците на Докузовски во последниот квартал целосно се распаднаа и го загубија сегментот со двоцифрена разлика, за на крајот да претрпат тежок пораз.
Најефикасен играч на мечот беше Брејси Дејвис од Пелистер со 23 поени, додека од помош му беа Вилсон со 19 и Малешевиќ со 18, а кај Куманово се истакна Радукиќ со 14.










