• Иван Димовски

Кошаркарите на Пелистер го запишаа четвртиот пораз во АБА-2 лигата, откако загубија од Златибор со 75-69 на „балонот“ во Бања Лука. Избраниците на Марјан Илиевски по двете славја над Спарс Илиџа и Сутјеска, доживеаја и пораз во битката за плеј-офот.
Ланскиот првак во ова натпреварување отвори одлично, поведе од стартот, ама не успеа да се одлепи. Пелистерци беа тука некаде во текот на целата прва четвртина која заврши со предност на ривалот од 20-14. До полувремето се играше слично, „зелено-белите“ бркаа негатива и беа тука некаде, најблизу дојдоа на поен дефицит, меѓутоа како да паднаа во завршницата. Златибор тоа го искористи и со добра серија дојде првпат на двоцифрена предност со која заврши полувремето (37-27).
И третиот период му припадна на српскиот тим, кој дојде и до највисоките +17 поени разлика. Битолчани не се откажаа, успеаја да се наметнат и да се вратат во натпреварот со одлична серија од 19-1 дојдоа до предност од 57-58. Сепак, тоа беше сè што Пелистер го покажа во натпреварот, бидејќи Златибор се разбуди и во финишот дојде до победата.
Најефикасен играч на натпреварот беше Протиќ од Златибор со 23 бода, додека Карутерс од Пелистер финишира со еден помалку.