• Горан Упале
Екипата на Пелистер повторно загуби од Џокер во АБА2 лигата и тоа повторно поради лошо издание во една четвртина. Македонскиот вицешампион беше подобар во три четвртини, но во таа во која што потфрли, српскиот тим ја направи потребната предност за на крај да слави сигурна победа од 93-84.
„Зелено-белите“ идентично како и на првиот натпревар во Битола, отворија подобро. Антоан и Стајиќ беа расположени за надигрување и ѝ правеа многу проблеми на домашната одбрана, а на Пелистер тоа му донесе водство по првата четвртина од 26-30. Во тој период Стајиќ имаше девет поени, а Антоан еден помалку.
Разиграните пелистерци продолжија во исто темпо и во вториот квартал, со тоа што овој пат не беа толку ефикасни, но најважно за нив е што успеаја да ја сочуваат предноста која ја изградија во воведниот дел (49-53).
Одморот и советите во соблекувалната како подобро да влијаеше кај домашните кошаркари, кои во третата четвртина влегоа многу помотивирано и поквалитетно и со серија од 13-3 го презедоа водството (62-56). Но, тука не застанаа проблемите за македонскиот тим. Четата на Петровиќ продолжи со техничките грешки и шутевите од неизградени позиции, па Џокер немилосрдно казнуваше и во последниот период се влезе со убедливи 76-62 за домаќините.
Во последните десет минути Пелистер се консолидира, одново беше подобриот тим на паркетот, но не успеа да ја анулира високата негатива и на крај загуби со 93-84. Бркиќ и Ивосев со по 21 поен беа најдобри поединци кај Џокер, додека за Пелистер најпрецизни беа Антоан со 18 и Мишковиќ со 17 поени.