Пелистер сака „брејк“ во Аеродром, МЗТ по удвојување на предноста

Екипите на МЗТ Скопје и Пелистер ја продолжуваат битката за титулата во македонската кошарка. „Металците“ имаат предност од 1-0 по првиот одигран натпревар во Аеродром, а вечерва ќе имаат шанса да ја удвојат предноста, по што серијата ќе се пресели во Битола. 

Првиот натпревар им припадна на аеродромци со убедливи 84-64, па затоа и денес ја имаат фаворитската улога за победа и зголемување на водството во финалната серија. Пелистер прикажа солидна игра само во две четвртини, а тоа беше недоволно за битолскиот тим да направи некое поголемо изненадување. 

МЗТ Скопје ја „брка“ јубилејната десетта шампионска титула во историјата, а Пелистер настапува во второ финале, две години по ред. Финалната серија објективно е дуел на двете екипи коишто прикажаа најмногу во регуларниот дел од сезоната и завршија на првите две места на табелата.

И покрај убедливата победа во првиот натпревар, „металците“ најавуваат сериозен пристап вечерва и непотценување на противникот кој сигурно ќе сака да направи „брејк“ во серијата и со нерешен резултат да се врати во Битола. Спортскиот центар „Јане Сандански“ е отворен за сите љубители на кошарката, а натпреварот започнува во 19:00 часот.