Пелистер прокнижи нова „стотка“, во Битола го прегази и Кожув

Кошаркарите на Пелистер одиграа нова убедлива партија и го победија Кожув со 102-81 во Битола. До новата „стотка“ пелистерци стигнаа со одлична втора четвртина кога направија резултатска залиха за комфортно да го завршат натпреварот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Кожув: 

Иако гостите од Гевгелија поведоа на стартот, „зелено-белите“ ја заиграа својата игра и бргу дојдоа во одлична позиција. До крајот на четвртината не успеаа да се одлепат, па предноста беше минимална. Веднаш на стартот од вториот период Пелистер убедливо поведе со добра серија и дојде на двоцифрена позитива. Предноста константно растеше, па на пауза заминаа со високи 62-44.

На стартот од второто полувреме домаќинот продолжи со „убиствениот“ напад и дојде до највисоките дотогаш +22. Кожув успеа делумно да се врати до -13, ама бргу загуби чекор со лидерот во првенството. Последниот период беше најлош за момците од Кожув, бидејќи Пелистер стигна до огромна разлика од 28 поени, а на крајот дел од неа беше „стопена“. 

Најефикасен играч на средбата беше Силаџи со 28 поени на своето конто, додека Кесар и Стајиќ од Пелистер имаа по 21 реализација.