Пелистер премногу грешеше, МЗТ Скопје моќно до ново водство во финалето!

Кошаркарите на МЗТ Скопје демонстрираа сила и ги казнија сите грешки на Пелистер, па со 86-62, славеа во третиот натпревар од финалната серија на Првата лига. Средбата во СЦ „Јане Сандански“ беше неизвесна само на стартот, потоа момците на Марјан Илиевски излегоа од ритам, а шампионот не им прости и го „наполни“ нивниот кош за нова предност во финалето. Така, наместо одлична кошаркарска претстава, за која придонесоа „Фемили Аеродром“ и „Чкембари“, се гледаше извесен натпревар. 

  • Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Пелистер:

Пресметката започна целосно рамноправно, екипите играа кош за кош и се менуваа во водството. Сè до водството од 16-15, Пелистер беше во добар ритам, ама тогаш почнаа да грешат и следеше „потоп“. Аеродромци уште во првата четвртина успеа да се одлепи и дојде на +9. Ниту по кратката пауза меѓу четвртините Илиевски не успеа да дејствува на своите избраници. 

МЗТ Скопје влезе во неверојатен ритам, а ривалот во серија грешки. Предноста многу бргу ја надмина двоцифрената маргина и вртоглаво бргу се движеше во нагорна линија. Шампионот не прости ништо, Пелистер во првото полувреме имаше неверојатни 21 загубена топка, а МЗТ казнуваше. Водството порасна и дојде до највисоките +27 за домаќинот со кои и се замина на одмор (54-27). 

По полувремето, „штрковите“ отворија фуриозно и дојдоа до огромни 36 поени предност во своја корист. Потоа, Пелистер успеа колку-толку да се консолидира, а и МЗТ Скопје Аеродром отстапи од пеколниот ритам. Сепак, огромната разлика не се топеше и натпреварот веќе беше решен. Илиевски не успеа да го разбуди својот табор, Пелистер полека се помири со поразот и натпреварот влезе во помирна фаза. На крајот на третиот период имаше и краток прекин поради инцидент на трибините. 

Во завршните десет минути ништо не се менуваше, МЗТ Скопје чекореше кон сигурна победа и водство во серијата, а пелистерци не можеа да сменат ништо. На крајот, завршниот периот резултатски му припадна на Пелистер, а двајцата тренери ја искористија ситуацијата да им дадат шанса на неколку млади имиња. 

Најдобар на паркетот беше Никола Милошевиќ кој уфрли 23 поени за МЗТ, додека Дејвид Хотон од Пелистер се издвои со 15.