Пелистер покажа моќ, младиот МЗТ „смрзнат“ на -38 во Битола

Амбициозниот проект Пелистер успешно ја отвори кошаркарската сезона на домашно тло и убедливо славеше над МЗТ Скопје Уни Банка (104-66) во првиот дуел од домашниот шампионат.

Битолските „зелени“ имаа проблеми со коронавирусот, па токму затоа подоцна од предвиденото ја играат првата средба. Младите „штркови“ дадоа отпор една четвртина, а потоа се беше во знакот на поискусниот Пелистер, па домаќинот ги освои посакуваните бодови.

Гостите почнаа одлично и преку Изабел го изненадија фаворитот на хартија, откако поведоа со 2-16. Сепак, брзо екипата на Марјан Илиевски заигра одлична одбрана, капитенот Трајковски експресно нанижа десет поени и во 12. минута пелистерци за првпат поведоа. Се разиграа и Малешевиќ и Американците Вилијамс и Калахан и на крајот на вториот квартал резултатот веќе беше 47-38.

Отворањето на третиот период повторно беше во знакот на Пелистер, па домашните со одлична игра во нападот и во одбраната за шест минути направија серија од 17-7, па се дојде до позитива од 64-45, доволна за да се оствари стартната победа во домашното првенство. Високата предност константно се одржуваше, во последните десет минути Пелистер тотално доминираше, па во ниту еден наврат МЗТ Скопје УБ не се доближи до противникот. 

Најдобар кај победникот беше Бојан Трајковски со 18 поени, Вилијамс и Калахан постигнаа по 16, а Кешер имаше 16 поени, додека кај гостинот од Скопје, најрасположен за игра беше американскиот кошаркар Изабел со 25 поени.