Пелистер по финале во Кавадарци, ТФТ го пречекува шампионот

На крајот од овој викенд се закажани вторите соочувања во полуфиналето од македонската Прва Лига.

Еуро Никел и Пелистер ќе ја отворат програмата во 18:30 часот. Кавадарчани загубија на првата средба во Битола, но вториот дел им даде причина да се надеваат дека можат да ја израмнат серијата и да обезбедат „мајсторка“. Пелистерци се фаворити и на овој меч, но ќе мора да одиграат далеку подобро од вторите дваесет минути на домашен терен, кога дозволија противникот да се врати целосно во игра и да се надева на шокантен пресврт.

Половина час подоцна на терен ќе истрчаат ТФТ и МЗТ Скопје. Бранителот на титулата немаше големи проблеми да го одбрани домашниот терен на првиот натпревар. Избраниците на Александар Петровиќ се блиску до ново финале, но се очекува да имаат тешка задача на денешното гостување кое започнува во 19:00 часот.

МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер ќе имаат привилегија да бидат домаќини на евентуалните „мајсторки“ во полуфиналните серии.