Пелистер остана без Кесар, центарот замина во Романија

Екипата на Пелистер остана без еден од главните играчи, затоа што српскиот центар Игор Кесар ги напушти „зелените“ и се пресели во Романија каде ќе го носи дресот на Темишвар.

Две сезони по ред српскиот центар беше меѓу најдобрите и најкорисните кошаркари во македонскиот шампионат. Ѕвездата на Пелистер со феноменални бројки крај своето име ги одведе „зелените“ до две плеј-оф завршници, од кои годинава и финална серија во четири натпревари против МЗТ Скопје. 

Кесар имаше опционен договор со битолскиот клуб, но на негова адреса стигнаа неколку понуди од соседните земји. Најповолна беше таа на романскиот прволигаш Темишвар, шестопласиран тим во романскиот шампионат по основниот дел од минатата сезона и тој ја одбра неа.

Кесар минатата сезона одигра 37 натпревари во македонското првенство и просечно бележеше по 18,8 поени, 6,4 скока и 2,4 асистенции со индекс 23.