• Горан Упале

Вицешампионот Пелистер ја извести јавноста дека ја прекинува соработката со тренерот Ненад Трајковиќ, по слабите игри и резултати на екипата во изминатиот период.
Трајковиќ дојде на чело на клубот од Битола на почетокот од оваа календарска година на местото на Александар Петровиќ. Српскиот стратег за момент успеа да го внесе тимот во посакуван ритам, но падот на формата и слабите резултати на стартот од плеј-офот беа причина за управата да реаигра и да повлече ваков потег. Отказот на искусниот тренер доаѓа по два пораза во четвртфиналната серија со Работнички.
„КК Пелистер му се заблагодарува на Трајковиќ за професионалниот ангажман и посветеноста од првиот ден во Битола, воедно и му посакуваме многу среќа во работните обврски во иднина“, се вели во соопштението.
Улогата на прв тренер до крајот на сезонава ќе ја има Дејан Илиевски, тренер што во последните години е дел од стручниот штаб на „зелено-белите“, а сега ќе добие шанса и како предводник на екипата.