• Горан Упале
Екипата на Пелистер не дозволи нов кикс во домашниот шампионат и пред својата публика го совлада составот на Чаир (77-73). Така, по двата врзани порази им се вратија на победничките патеки во Првата лига.
- Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Чаир 2030:
Пред натпреварот пелистерци најавија дека на оваа средба мораат да извојуваат победа, а во таа насока се одвиваше резултатот во првата четвртина. „Зелено-белите“ отворија моќно и првата четвртина ја завршија со предност од девет поени (22-13). Сепак, нивното темпо спласна во вторите десет минути.
Чаир 2030, кој оваа сезона игра во одлична форма и досега им зеде скалп на неколку фаворити, го искористи тоа и беше поефикасен во вториот квартал (18-19). Гостите својата најдобра кошарка ја одиграа во третата четвртина, која ја добија со 20-24 и најавија неизвесна завршница.
Пелистерци подобро го отворија клучниот период, а по тројката на Стојановски во 36 минута, домаќинот се одлепи на плус седум (70-63). Рамадан побара минута одмор, со цел да го сопре налетот на „зелено-белите“, но тајм-аутот траеше повеќе од предвиденото, откако гостинскиот табор се пожали на наводно неспортско навивање од страна на битолската публика.
Прекинот траеше повеќе од десет минути, па откако актерите се вратија на паркетот Чаир 2030 направи серија од 7-0 и израмни на 70-70. По неколкуте нереализирани напади на Пелистер, Антоан и Бојиќ имаа мирна рака во клучен момент и на својата екипа ѝ донесоа голема победа.
Бојиќ со 18, Мишковиќ и Стајиќ со по 15 и Антоан со 13 поени беа најдобри поединци кај Пелистер, додека за Чаир 2030 најпрецизен беше Кели со 18 поени.