Пелистер и Работнички без право на нов пораз во кошаркарскиот плеј-оф

Екипите на МЗТ Скопје и Еуро Никел се во пол-позиција за пласман во овосезонското финале во Првата кошаркарска лига на Македонија, откако во првите полуфинални дуели со Пелистер и Работнички извојуваа значајни победи на гостински терен.

Така, „зелено-белите“ и „центарци“ немаат право на нов кикс, додека на спротивната страна МЗТ и Еуро Никел ривалите ќе ги пречекаат без поголем притисок и растеретени по поволните резултати во првите дуели.

„Пред нас е нов предизвик. Ништо не е готово, но сега притисокот ќе е врз Работнички, бидејќи тоа ќе биде меч што тие никако нема да смеат да го загубат. Нам не ни е лесно. Секој ден патуваме до Гевгелија каде тренираме и играме во плеј-офот. Но, досега одлично одговоривме на сите предизвици и очекувам тоа да биде случај и на денешниот втор дуел“, вели тренерот на кавадарчани, Горан Самарџиев, пред дуелот кој е закажан за 17:00 часот во салата „26.април“ во Гевгелија.

Нешто подоцна, од 19:30 часот, во СЦ „Јане Сандански“, МЗТ Скопје ќе се обиде да стигне до пласман во уште едно финале.

„Со победата во Битола, завршивме половина од задачата. Ни останува да ја реализираме другата половина, односно да победиме во Скопје. Сакаме да играме во уште едно финале. Се чувствува замор на материјалот во тимот, но кога се игра серија за пласман во финалето, се остава на страна“, вели кратко Бојан Крстевски, еден од носителите на играта на „металците“.

Бранител на шампионската титула е МЗТ Скопје, тим кој пред две седмици беше најуспешен во Купот и ја „грабна“ десетата титула од ова натпреварување.