• Зоран Мишевски

Македонскиот вицешампион Пелистер продолжува да реди победи во АБА2 лигата. Екипата на Марјан Илиевски и без повредените Хаџифезовиќ и Стајиќ ја совлада Сутјеска, директен конкурент за место во плеј-офот. Битолскиот тим водеше четириесет минути и заслужено извојува победа од 77-75 и покрај грешките и лошите последни минути. Оваа победа има двојно значење, бидејќи е победен директен конкурент за место во плеј-офот.
Црногорците одлично отворија, поведоа со 8-3 и најавија дека се силно решени да се наметнат. Но, битолчани го затворија Копривица и полека се разиграа сите кошаркари на Илиевски. Караџовски и Мустафица погодуваа во серија и со интервал од 10-1, пелистерци поведоа. Со моменти на игра како против Широки пред два дена, битолчани на првиот одмор заминаа со предност од 25-16.
Втората четвртина подобра ја отвори Сутјеска и со серија 7-0 се доближи на -2. Но, пелистерци реагираа Карпентер и Карутерс влегоа во серија и на вратија предноста од 7-9 поени. Црногорците беа нервозни, почесто грешеа и на крајот од вториот квартал Пелистер побегна на максимални +15.
Физички и психолошки кошаркарите на Пелистер беа многу подобри од ривалот, функционираа во сите линии и предноста постојано беше двоцифрена. 38-годишниот Димитар Караџовски со тројки донесе -18, па и покрај подобрувањето на шутот од дистанца на Сутјеска, на крајот од третата четвртина резултатот гласеше 63-47.
Со концентрација во одбраната и менување на стилот, битолчани го контролираа резултатот во првата половина од последната четвртина. Сутјеска покажа реакција и дуелот влезе во голема драма, Со серија на тројки клубот од Никшиќ дојде до -3 на дваесет секунди до крајот. Несвојствено пелистерци загубија уште две топки и при 75-73, Сутјеска доби напад за победа. Томашевиќ погоди две слободни фрлања и израмни на три секунди до крајот. Маслинко доби две слободни фрлања и реализира за победа од 77-75.
Најефикасни во битолскиот табор беа Карпентер со 25 и Караџовски со 16 поени, а кај Сутјеска се истакна Томашевиќ со 22 поени. В недела напладне следува послендниот натпревар од овој „балон“, против Златибор Чајетина.