Пелистер го задржа плејмејкерот, Стајиќ уште две години во Битола

Екипата на Пелистер успеа да го задржи својот прв плејмејкер, Бобан Стајиќ. 27-годишниот организатор на играта се договори со битолчани и во наредните две сезони ќе ги брани „зелено-белите“ бои. 

Стајиќ беше еден од најдобрите поединци во таборот на пелистерци оваа сезона. Кошаркарите од Битола одиграа неверојатно во регуларниот дел од сезоната, беа први и изгледаше дека ќе бидат сериозен претендент за титулата. Сепак, во два наврати губеа од МЗТ и во првенството и во Купот, па сезоната ја завршија неславно. 

Плејмејкерот Стајиќ има огромно искуство во Првата кошаркарска лига на Македонија. Кариерата ја стартува во Лирија, па преку МЗТ, Фени Индустри, Куманово, Работнички и Кожув, пред стартот на изминатата сезона пристигна во Пелистер. Целта на тимот е јасна, да се нападнат трофеи во мак-баскетот, а потписот со Стајиќ е важен за битолчани.