Пелистер го разби Работнички и како лидер влегува во битката за титула!

Екипата на Пелистер на домашен терен славеше убедливо над Работнички (94-77) и во плеј-офот за разигрување за титулата ќе влезе од позицијата „еден“, односно како најдобар колектив во регуларниот дел на Првата лига.

  • Комплетниот натпревар меѓу Пелистер и Работнички: 

Во салата „Боро Чурлевски“ на Работнички му припаднаа само стартните минути, а останатото беше доминација на Пелистер. Кога ќе се сумираат сите настани, убедливиот триумф на битолчани е заслужен, а Илиевски може да биде задоволен од она што го виде. Пелистер по 22 одиграни натпревари забележа 17 победи и е најдобар во мак-баскетот, но допрва следат најважните предизвици.

Американците во тимот на Работнички подобро отворија и гостите поведоа со 4-8. Но, Пелистер заигра подобра одбрана, шутот им тргна на ѕвездите на домашната екипа и резултатот брзо мина во нивна полза. Со три тројки до крајот на првиот квартал, екипата на Марјан Илиевски (не ја водеше екипата заради болест) се одлепи и на крајот на првата четвртина поведе со 31-20.,

На почетокот од вториот период и капитенот Трајковски, кој на стартот доби раскрвавена аркада, погоди тројка, па од далечина „бомбардираа“ Стајиќ и Калахан за највисоки -19 во 15. минута. Работнички тотално потфрли во одбраната, прики 54 поени за едно полувреме, па по дваесет минути доцнеше 15 поени зад лидерот.  

Ниту по паузата не видовме ништо ново од Работнички, затоа што „зелените“ продолжија со доминацијата. Домашниот тим беше немилосрден, па во еден момент против центарци имаше и +21 на семафорот (70-49). Така, последните десет минути беа само формалност, а Работнички поради опуштањето на домашните кошаркари и ротацијата која се правеше, успеа само да го намали поразот.

Малешевиќ со 21 поен беше најдобар кај Пелистер, а го следеше Стајиќ со 19 поени, додека Кесар постигна 16 поени. Кај Работнички, американското дуо Тортон-Питс постигна 21, односно 19 поени, со тоа што Тортон имаше „дабл-дабл“ поради 15 скока.