• Зоран Мишевски

Во најтешкиот натпревар од почетокот на шампионатот, лидерот Пелистер се намачи да извојува победа на гостувањето во Гевгелија против Кожув со 83-88 (10-22, 23-21, 25-16, 14-13, 11-16) , во заостанатиот дуел од првото коло. Победникот беше решен по продолжение, откако Кожуф прокоцка +4 на влезот во последната минута. Сепак, Пелистер покажа квалитет и карактер и останува единствена непоразена екипа во Првата лига.
Битолчани започнаа одлично во одбраната, примија само десет поени во првиот квартал и веднаш дојдоа до двоцифрена предност. Незадржлив беше поранешниот кошаркар на Кожув, Игор Кесар, кој прв стигна до двоцифрен број на поени. На првата пауза „зелените“ заминаа со 10-22. Караџовски и Силаџи одлично го почнаа вториот период, Кожув најде против игра, но тешко ја топеше предноста на лидерот. Благодарение на играта под обрачите на гостите, на одмор се замина со 33-43 и психолошка предност за екипата на Марјан Илиевски.
Сепак, Силаџи го почна третиот период со серија на поени и Кожув се доближи само до -3. Кога Лок погоди на средина од третиот квартал, гевгеличани израмнија на 52-52. Со неизвесна резултатска нишалка се влезе во последната четвртина и започна играта на нерви. Кесар и Вилијамс први повлекоа, па во 34. минута битолчани се одлепија на +6. Сепак, тимот на Јончевски се врати и со поените на Силаџи на три минути до крајот, Кожув поведе (67-66). Скот и Караџовски имаа најмирна рака во завршницата и на влезот во последната минута Кожув поведе со +4. Кесар и Трајковски возвратија за 72-72 на половина минута до крајот. Скот и Калахан во своите раце ја имаа победата, но промашија и натпреварот влезе во продолжение.
Екстра времето започна со три поени од слободни фрлања на Вилијамс, а кога погоди и Стајиќ, Пелистер поведе со 72-77. Одбраната на битолчани одигра клучна улога, а по тројката на Стајиќ веќе беше +8. Играта на гевгеличани се распадна и лидерот извојува победа од 83-88.
Најефикасни во тимот на Кожув беа Силаџи со 27 и Скот со 15 поени, а за Пелистер се истакнаа Кесар со 24 и Вилијамс со 16 поени. Одличен натпревар одиграа и Стајиќ и Калахан со по 12 и Трајковски со 11 поени. Со седум врзани победи Пелистер го сруши клупскиот рекорд и се зацврсти на врвот на табелата. Двете екипи наскоро пак ќе се сретнат за првенствени бодови во Битола.