• Редакција Gol.mk

Кошаркарите на Пелистер се вториот полуфиналист на плеј-офот во кошаркарскиот шампионат на Македонија. По примерот на Работнички, кој вчера ја заврши серијата против Феникс 2010, битолчани денес си ја завршија работата во дуелот со Еуро Никел 2005, славеа со 69-79 во кавадаречката сала „Јасмин“ и со 3-0 во серијата се пласираа меѓу четирите најдобри екипи во шампионатот.
- Комплетниот натпревар меѓу Еуро Никел 2005 и Пелистер:
Дуелот започна израмнето и до 14-13 се играше кош за кош. Момците на Радуловиќ потоа заиграа подобро во одбраната, и со серија 7-0 дојдоа до првата осетлива предност. Тандемот Маслинко-Планиниќ доминираше под обрачите, се менуваа нивните чувари, но двајцата немислосрдно го полнеа кошот на кавадарчани. Со предност од 30-42 и далеку подобри вибрации битолчани заминаа на одмор.
Вицешампионот покажа дека има поширок ростер и подолга клупа и Мијовиќ и Најт ја одржуваа предноста. До крајот на третиот квартал беше едноцифрено, а потоа заостанувањето на екипата на Атанас Манев стана недостижно. Пелистер во 36. минута дојде до +19 и дилемите околу победникот беа решени. Без многу драма Пелистер го спроведе натпреварот кон крај и извојува победа од 69-79.
Најефикасни во тимот на Пелистер беа Планиниќ со 19 и Маслинко и Магдевски со по 18 поени, а кај Еуро Никел 2005 се истакнаа Дубински со 17 и Младеновиќ со 12 поени. Во полуфиналната серија се игра до три победи, а евентуална мајсторка би се играла на теренот на подобрата екипа во регуларниот дел на сезоната, скопски Работнички.