Пелистер договори македонски репрезентативец за новата сезона!

Кошаркарскиот клуб Пелистер почна да гради тим за новата сезона и договори македонски репрезентативец. Нов член на „зелените“ е центарот Љубомир Младеновски.

25-годишниот кошаркар доаѓа од редовите на Работнички каде настапуваше од 2019 година. Пелистер ги договори сите детали со играчот, потпишан е договорот, а презентацијата ќе ја има следната седмица и ќе се соопштат деталите.

Најдобриот млад кошаркар за 2015 година сигурно ќе биде големо засилување во рекетот на битолчани. Младеновски зад себе има големо искуство пред се на домашната сцена, каде покрај за Работнички играше уште и за МЗТ Скопје. Има и една странска авантура, во словенечка Илирија.

Пелистер во новата сезона ќе цели на највисоките позиции во мак-баскетот, а новитет е што тимот од Битола ќе игра и во АБА-2 лигата за првпат во својата историја.