• Горан Упале

Кошаркарите на Пелистер експресно им се вратија на победите во Првата кошаркарска лига на Македонија, откако пред својата публика без многу мака го совладаа составот на Еуро Никел со 92-74.
„Зелено-белите“ по шокантниот пораз од Чаир во претходното коло, вечерва пред својата публика иако без неколку стандардни првотимци го најдоа лекот за кавадаречкиот тим и се зацврстија на втората позиција на табелата во домашниот шампионат.
Поради здравствени проблеми Карутерс (болест) и Михајлоски (повреда) останаа на трибини, но ниту тоа не ги помати сметките на тренерот Марјан Илиевски, кој одлично го припреми својот тим за овој дуел и неговите избраници заслужено стигнаа до 14. овосезонско славје.
Сите дилеми околку победникот на натпреварот во салата „Боро Чурлевски“ беа решени уште во првото полувреме, во кое Пелистер покажа квалитет во двата правци и на пауза заминаа со предност од 12 поени разлика (49-37). Ништо не се промени ниту во продолжението. Еуро Никел имаше неколку обиди да се врати во игра, но Пелистер искусно се справи со тоа и ги врати насмевките кај своите фанови.
Најпрецизен кај битолчани беше Хаџифејзовиќ со 23 поени, а одличен настап имаа и Стајиќ и Маслинко со по 14 и Сапунџиев со 15 поени.