• Саше Љолес
Првата ѕвезда на Далас Маверикс, Лука Дончиќ, се здоби со повреда на зглобот на десната рака и извесно време ќе отсуствува од терените, јавија повеќе американски медиуми и кошаркарски новинари.
Словенецот сезонава одигра 14 од вкупно 15 натпревари за својот тим, но сега го очекува пауза, а времетраењето ќе биде познато за неколку дена, кога ќе бидат извршени сите дополнителни лекарски прегледи.
Дончиќ сезонава повторно започна со повеќе од солиден просек (28,1 поен, 7,6 скока и 7,6 асистенции по натпревар), иако неговиот учинок е за нијанса послаб од претходните години. Сепак, тој е повторно предводник на својот тим, а навивачите му посакаа експресно закрепнување и се надеваат дека бргу ќе се врати на тренинзите.