ВИДЕО: Пасквал ја изненади „својата“ Барса, Зенит со „брејк“ се враќа од Каталонија

Во најдраматичниот четвртфинален натпревар од разигрувањето на Евролигата, Зенит го изненади најуспешниот тим во регуларниот дел на сезоната, Барселона, победувајќи го со 74-76 во „Палау Блауграна“. Ова е единствена гостинска победа во првите четвртфинални натпревар и значаен „брејк“ пред продолжувањето на серијата подобар од пет. 

Русите мотивирано започнаа, нивните центри делуваа моќно против домашните високи играчи, а и Чави Пасквал одлично ја прочита играта на својот поранешен клуб. На моменти одбраната на Барса делуваше збунето, а предноста често беше двоцирфена. На одмор се замина со +14 за гостите од Санкт Петерсбург и „алармот“ веќе беше вклучен кај Шарунас Јасикевичиус. 

Каталонците одлично отворија во третиот квартал, Хигинс и Миротиќ брзо стопија дел од предноста, но Русите имаа решение за секој потег на домашната екипа. Долгиот лов на водството на Зенит донесе резултат и во 39. минута Барса израмни на 74-74.

Играчот на натпреварот, Пангос на десет секунди до крајот постигна поени за +2, а Барса не го реализира последниот напад, па Русите слават голем победа среде Каталонија (74-76).

Најефикасни во домашниот тим беа Дејвис со 18 и Хигинс со 15 поени, а кај гостите од Русија блескаше Пангос со 19 поени. Вториот натпревар, кој исто така ќе се одигра во „Палау Блауграна“ закажан е за в четврток вечер.