Партизан загуби и од „фенерџијата“ во Евролигата!

Кошаркарите на Партизан загубија од последнопласираниот тим во Евролигата, Асвел во Франција (88-87). Тимот на Жељко Обрадовиќ го претрпе седмиот пораз сезонава во елитното натпреварување, иако во претходната рунда го изненади фаворитот Монако. Сега на гостувањето во Вилербан српскиот тим претрпе минимален пораз. Браун беше најефикасен играч на мечот со 20 поени, додека кај Асвел се истакнаа Сељаш и Вотсон со по 18.

Барселона ја впиша седмата сезонска победа, откако триумфира дома против Виртус Болоња (88-81). Каталонскиот гигант ја оправда фаворитската улога и ги израдува своите фанови во „Палау Блауграна“. 

Олимпија Милано го изненади Олимпијакос и победи (91-87) во натпреварот од 11. рунда. Италијанскиот тим одигра одличен натпревар и слави против фаворитот кој е при врвот на табелата.

Дубаи славеше во најефикасниот меч на денот против Жалгирис со 95-89, а Анадолу Ефес ја преживеа драмата и минимално триумфира против Баерн во Истанбул (74-72).