• Саше Љолес
Белградски Партизан загуби од Басконија во првото коло на Евролигата (88-82), иако во поголемиот дел од натпреварот беше рамноправен противник.
Избраниците на Жељко Обрадовиќ водеа на паузата со 38-32, но го испуштија триумфот во последниот период кој им припадна на домашните кошаркари со 29-22. Гостите од Белград делуваа одлично и на моменти изгледаше дека ќе успеат да ги освојат првите бодови, но на крајот мораа со наведнати глави да го напуштат теренот.
Најдобар поединец кај Басконија беше Маркус Хауард со 17 поени, додека српскиот гигант беше предводен од Тајрик Џонс со 22 поени и Брендон Дејвис, кој постигна два поени помалку.
Реал Мадрид одигра очајна последна четвртина на гостувањето кај Баерн Минхен и загуби со 97-89. „Кралевите“ постигнаа 16 поени во четвртиот период, додека Баварците уфрлија дури 33, па тука се случи и крахот на најтрофејниот европски клуб.
Гостите од шпанската престолнина ја заверија третата делница во своја полза (12-22), но Баерн не се предаде и до крајот успеа да се врати во игра. Германците одиграа брилијантна последна четвртина и успеаја комплетно да го надополнат недостатокот на поени, па во 35. минута поведоа со 79-77.
Реал беше во шок и застана на само четири постигнати поени, додека Баерн немилосрдно го полнеше кошот и на крајот извојува потполно заслужена победа со конечни 97-89. Најефикасен во победничкиот табор беше одличниот Шабаз Нејпиер со 25 поени, додека Факундо Кампацо постигна 19 поени за тимот на Реал Мадрид.
Екипата на Макаби со одлична игра во последната делница успеа да се избори за триумф над Асвел со 89-82. Тамир Блат беше вистински предводник на израелската гордост и запиша 21 поен зад своето име.