Партизан со жестока санкција за навивачот кој ги навредуваше играчите на мечот со Игокеа

Управата на белградскиот гигант, Партизан, се огласи по повод инцидентот што го направи еден навивач на натпреварот од АБА лигата против Игокеа. 

„Црно-белите“ неочекувано загубија од босанскиот тим, а дел од навивачите упатуваа и низа критики за своите кошаркари. Еден од нив беше исклучително жесток во дофрлањата и изнесе лични навреди кон дел од играчите, по што управата дала наредба тој да биде пронајден и соодветно санкциониран. 

„Виновникот во овој инцидент веднаш e идентификуван. КК Партизан има свои правила, свој интегритет и секогаш препорачува фер и коретно навивање. Мораме како клуб да ги заштитиме нашите играчи од било какви напади и затоа донесовме одлука овој навивач да добие доживотна забрана за присуство на сите домашни натпревари“, се вели во краткото соопштение од клубот. 

Дел од присутните по завршувањето на натпреварот го „испратија“ навивачот со погрдни зборови и пцовки, а тој беше изнесен од салата во придружба на обезбедувањето и официјалните лица. Белградскиот тим го забележа вториот пораз во АБА лигата, откако претходно загуби и од тимот на Мега Баскет.