• Мартин Танасковски

Екипата на Партизан продолжи да сонува пласман во разигрувањето за Ф4-турнирот, затоа што славеше убедливо на гостувањето кај Олимпија Милано (90-70) и така ја продолжи победничката серија во Евролигата.
„Манекените“ имаа многу повредени играчи, вклучувајќи го и македонскиот плејмејкер Ненад Димитријевиќ. Тренерот Месина најави дека очекува тежок меч, а тоа и се оствари. Милано имаше контрола по првиот дел, но од 52-52, Партизан влезе во серија, замина на 55-64 и не дозволи кам-бек на италијанскиот ривал.
Најдобар стрелец беше Стерлинг Браун со 26 поени, пред Карлик Џонс со 24 постигнати поени, додека кај италијанските „манекени“, Никола Миротиќ и Шевон Шилдс постигнаа по 16 поени.
Франуски Париз дома го победи Макаби Тел Авив (96-83) во меч во кој главен разигрувач беше македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс. Плејмејкерот имаше дабл-дабл учинок од 11 поени и 14 асистенции, со уште пет скока. Како прв стрелец заврши Вард со 18 поени, а кај Макаби, најдобар беше Хоард со 16 поени.
На големо изненадување, тимот на Асвел на домашен терен дури по продолжение успеа да слави во дуелот со германска Алба Берлин (96-89). Џексон со 18 и Маледон со 17 поени беа најдобри кај францускиот тим, а Томас имаше 20 поени за бундеслигашот.