• Мартин Танасковски
Кошаркарите на Партизан го запишаа третиот последователен пораз во Евролигата, откако загубија на гостувањето кај Фенербахче со 74-65 во рамките на шестото коло. Белградскиот тим имаше предност на полувремето од 28-25, но целосно падна во третата четвртина и му дозволи на турскиот гигант да направи пресврт.
Партизан одлично го отвори натпреварот. Итан Томпсон и Ламар Стивенс погодија по две тројки без промашување, па гостите по шест минути игра поведоа со 16-6. Добрата одбрана им овозможи да ја задржат контролата, а првата четвртина ја завршија со предност од 19-12. Сепак, белградскиот тим почна да се соочува со проблеми. Тоније Џекири се повреди, додека Стивенс брзо направи две лични грешки. Партизан постепено го губеше напаѓачкиот ритам, но успеа да замине на пауза со водство од 28-25.
Клучниот момент се случи во третата четвртина, кога Фенербахче ја презеде иницијативата и за само неколку минути не само што ја анулираше негативата, туку создаде и двоцифрена предност. Партизан имаше проблеми со реализацијата, а промашените слободни фрлања дополнително му ја отежнаа задачата. Тројките на Шејвон Шилдс и Клајбурн во финишот на периодот му донесоа на домаќинот предност од 15 поени. Гостите се обидоа да се вратат во последната четвртина, кога Хејс и Олмен ја намалија разликата на 64-56. Сепак, Партизан немаше сили за целосен пресврт, па Фенербахче рутински ја задржа предноста до крајот и стигна до победата.
Итан Томпсон со 13 поени беше најефикасен кај Партизан, додека Ламар Стивенс и Кевариус Хејс постигнаа по 12. Кајл Олмен додаде седум поени, а Карлик Џонс заврши со шест поени и осум асистенции, со слаб шутерски учинок од игра. Најдобар поединец кај Фенербахче беше Шејвон Шилдс со 17 поени и осум скока, додека Хортон-Такер забележа 14 поени, шест скока и пет асистенции. За Партизан ова е трет пораз по ред во Евролигата, по серијата од три последователни победи.











