Партизан потклекна во финишот, Монако се враќа со триумф од Белград

Екипата на Партизан не успеа да наорави пресврт во натпреварот со Монако и загуби со 74-79 во натпреварот од шестото коло во Евролигата. За „црно-белите“ ова беше четврти пораз сезонава, додека Французите се изборија за четвртата победа и искачување на петтата позиција на табелата.

Гостите од Франција одиграа многу подобро во првото полувреме во „Пионир“, а особено блеснаа во втората четвртина, која ја добија со резултат 12-23. На паузата Монако водеше со 33-46, но во вториот дел избраниците на Жељко Обрадовиќ влегоа со многу поголема мотивација и жар. 

Партизан возврати во третиот период и внесе голема неизвесност за последните десет минути, во кои успеа да се врати на -3, а потоа и да поведе со 73-72. Сепак, тука на сцената стапи одличниот Мајк Џејмс, кој погоди тројка во 39. минута и го врати водството кај Монако. 

Српскиот гигант се обиде на крајот да стигне барем до продолженија, но играчите на Монако беа фокусирани и го затворија мечот со конечни 74-79. 

Најефикасен во редовите на Партизан беше Карлик Џонс со 15 поени, додека во победничкиот состав прво име беше Алфа Диало, кој запиша три поени повеќе.