Партизан нема да ја доигра сезоната: Хулиганството во нашата кошарка мора да се искорени

Koшаркарскиот клуб Партизан порано од предвиденото ја заврши сезоната 2021/22 и нема да се натпреварува во плеј-офот од домашната Суперлига. Оваа одлука клубот ја донесе по сите случувања за време на финалната серија од плеј-офот на АБА лигата, на која загуби од големиот ривал Црвена Звезда, со 3-2.

Раководството на „црно-белите“ за најголема причина за оваа одлука го наведе фактот дека по немилите сцени за време на финалето на Јадранската лига, нема услови кои гарантираат безбедност на играчите и членовите на стручниот штаб.

„По сите апели кои пристигнаа од Црвена Звезда и Партизан, на сите пет натпревари се случија бројни инциденти кои доведоа до прекин на натпреварите, загрозување на безбедноста на играчите и членовите на стручниот штаб, делумно и целосно празнење на сали и казни. Тоа е срам за српската, односно регионалната кошарка. 

Партизан на овој начин сака да испрати порака дека повеќе не сака да биде дел од хулиганските игри на неодговорни поединци кои навиваат или за Партизан или за Црвена Звезда. Имаме основано сомневање дека евентуалното ново финале помеѓу Партизан и Црвена Звезда би било уште еден полигон за хулиганите и испраќање уште една ужасна порака до светот. Желбата на  Партизан е нашиот Белград и нашата Србија да имаат два претставници во Евролигата, а со ваквото однесување на поединци и нивното несанкционирање, никогаш нема да ја оствариме таа желба“, се вели во соопштението на Партизан.

На крај Партизан упати јавен апел за заеднички да се решат проблемите кои што ја тресат српската и регионалната кошарка. Според правилникот во српската кошарка Партизан со овој потег треба да биде исфрлен од Суперлигата и префрлен во понизок ранг на натпреварување.