Партизан на Обрадовиќ е „дрим-тим“ за МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје не успеа да изненади на премиерата на домашен терен оваа сезона во АБА-лигата. Пресилен за „штрковите“ беше белградски Партизан Mozzart Bet кој успеа да слави со 74-92 и така ја запиша втората победа во вториот дуел од регионалното натпреварување.

Жељко Обрадовиќ често ротираше и им даде шанса на сите кошаркари. А, дури и тоа да не беше така, Партизан на хартија има далеку поквалитетен ростер од МЗТ и победата на гостинот кој е фаворит за круната во АБА не беше доведена под знак прашалник во ниту еден наврат. „Црно-белите“ од Белград одиграа уште еден блескав натпревар, по оној против Цибона на стартот и добро се подготвија за новиот евролигашки предизвик против Басконија.

Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ не започна според планот на МЗТ Скопје. Македонскиот првак тргна лошо во нападот и не најде решение за агресивната одбрана на белграѓани која беше одлично поставена во рекетот. Сите продори кон кошот беа затворени, така аеродромци останаа пет минути без кош и тоа на Партизан му донесе комотна предност од 3-10.

Единствените три поени ги постигна Кафи, а шутот беше 1/6 за домашниот тим од поле. На крајот од првата четвртина, Партизан имаше висока предност од 9-25, главен играч во тимот беше Егзум кој погодуваше од секоја позиција и за пет минути реализира 12 поени. Подоцна беше и 30-43 за гостинот, единствени расположени играчи во тимот на Петровиќ беа Кафи со 14 и Војдан Стојановски со шест поени.

На полувремето во соблекувална се замина со резултат 32-48. На добрата игра на Егзум се придодаде и Нанали, кој немаше ниту едно промашување од игра во првиот дел (10 поени). На стартот на второто полувреме МЗТ тргна нешто подобро. Имаа „штрковите“ можност по долго време да спуштат на едноцифрена негатива, но откако Стојановски го промаши шутот за три, Партизан додаде „гас“. Жељко Обрадовиќ во еден момент на терен имаше цела странска петорка, која пред крјаот на третиот квартал му донесе највисоки плус 21 поен (48-69). Последните десет минути беа чиста рутина за фаворитот.

Најдобар кај домашниот тим беше Миќовиќ со 18 поени, пред Кафи со 17 поени, додека Максвел реализира 13 поени. Од македонските кошаркари Војдан Стојановски даде 11 поени. Кај Партизан, Егзум и Нанали имаа по 17 постигнати поени, додека повратникот Мадар реализира 12 поени.

Следното коло за МЗТ Скопје носи нов пеколен натпревар, тоа е гостување кај Будуќност во Подгорица. Партизан, пак, на домашен терен ќе го пречека тимот на СЦ Дерби против кого исто така е голем фаворит, а претходно има обврски во Евролигата.