• Горан Упале
Кошаркарите на Партизан извојуваа нова победа над Будуќност, и во третиот натпревар од финалната серија на АБА лигата во „Белградска Арена“ славеа со убедливи 83-67. На тој начин „црно-белите“ од Белград одново се во водство и се приближија на еден чекор до трофејот во регионалното натпреварување.
Домаќинот вечерва нападна со цел „арсенал“, со оглед на тоа што сите кошаркари му беа достапни на тренерот Жељко Обрадовиќ. На спротивната страна, пак за црногорскиот тим се вратија Рајт и Морган, кои не играа на претходниот дуел, но двајцата не беа во ритам и вкупно постигнаа единаесет поени.
Двата тима влегоа доста добро во натпреварот, но „црно-белите“ беа посмирени во финишот од првиот квартал и започнаа да ја градат посакуваната позитива (24-19). Предноста на фаворитот се зголеми во втората четвртина, и тоа за првпат таа беше двоцифрена. Крај на сите надежи на стартот од последните десет минути, кога Партизан побегна на +16. Конечниот резултат на натпреварот во Белград беше 83-67.
Кај Партизан се истакнаа Џонс и Лундберг со по 14 поени, додека за поразениот тим Сулејман запиша 20 поени. Следниот натпревар, кој исто така се игра во Белград, е закажан за по два дена.