Партизан го шокира Олимпијакос, нов блесок на Шортс во Евролигата!

Кошаркарите на Партизан одиграа атомска кошарка во последната четвртина и извојуваа нова голема победа во Евролигата. По славјето во српското дерби со Црвена Звезда, вечерва „црно-белите“ го надиграа ѕвездениот тим на Олимпијакос и пред својата публика го совладаа со 78-70.

Грчкиот тим подобро го отвори натпреварот и по првата четвртина имаше водство од девет поени, но Партизан експресно ја стопи предноста и на полувреме замина со 38-36. По паузата Олимпијакос одново одигра поквалитетно и ја врати позитивата на своја страна, но кога беше најпотребно момците на Обрадовиќ блеснаа со сиот свој сјај и заслужено со 78-70 ја впишаа четвртата овосезонска победа во елитата. Олимпијакос, пак, го забележа четвртиот пораз. 

Во редовите на Партизан се истакна Џонс со 15, а за поразениот тим најпрецизен беше Фурние со 14 поени.

Македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс одново беше вистински лидер на својот тим и Париз на своето конто впиша уште една победа во Евролигата. Во градот на светлината падна Виртус Болоња со 81-78, а Шортс натпреварот го заврши со 19 поени, девет асистенции и два скока.

Во шпанското дерби во европската елита, кошаркарите на Реал Мадрид по голема драма и две продолженија извојуваа победа над вечниот ривал Барселона со 90-97 (74-74). Пантер со 27 поени беше единствен расположен кошаркар кај Барселона, додека за победничкиот тим се истакнаа Таверез со 24 и Хезоња со 23 поени.