Партизан го „преживеа“ Шортс и скокна до плеј-оф зоната!

Екипата на Партизан забележа многу важна победа на домашен терен над Париз (92-86) во рамки на Евролигата и скокна веднаш до зоната која води во плеј-оф во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување.

Белградските „црно-бели“ пред својата публика беа во елемент, иако лошо го отворија мечот и му дозволија на францускиот дебитант да се одлепи (26-34). Откако домаќинот направи кам-бек во вториот квартал и од 29-36 поведе со 45-38, се беше полесно за тимот на Обрадовиќ.

Водени од енергијата на навивачите, кошаркарите на Партизан држеа предност, а иако Париз предводен од македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс се врати на 69-69, во последниот период следеше нова серија за 78-70 и во продолжението немаше голема драма.

Најдобар стрелец на мечот беше Ти-Џеј Шортс од Париз со 19 поени, додека кај Партизан, Џонс даде 17, а Бонга 16 поени. Имаше уште шест кошаркари со двоцифрен учинок кај белграѓани со што се истакна тимската игра на дело.