Партизан го одигра најдобриот евролигашки меч и влезе во ТОП-8 зоната

Екипата на Партизан Моцарт Бет на домашен терен убедливо славеше над француски Асвел (92-71) и така се израмни со екипите во ТОП-8 зоната во кошаркарската Евролига.

Тимот на Жељко Обрадовиќ одигра добра одбрана, го спушти ривалот на мал број на поени пред последниот период во кој се играше нешто порастеретено заради високата позитива која се стекна претходно. 

Кевин Пантер го заврши натпреварот со 17 поени, Егзум постигна 13, а Нанели застана на десет поени, додека кај францускиот првак Фал и Понс имаа по 14 реализирани поени.

Барселона во последниот квартал се спаси од срам против Макаби (82-78). Каталонците имаа негатива од десет поени (57-67), која ја надпополнија во последните десет минути од мечот во „Палау Блауграна“. Хигинс со 15 и Јокубаитис со 14 беа најдобри кај Барса, а кај израелскиот тим Адамс финишира со 16 поени.

Фенербахче на домашен терен загуби од Олимпијакос (73-93). Победа забележа Олимпија Милано над Басконија (89-83), исто така и Валенсија против Баерн Минхен кој игра во добра форма (82-73).