Партизан е експерт за продолженија, падна и Монако во Белград!

Белградски Партизан по голема борба успеа да дојде до петтиот триумф и го совлада тимот на Монако со конечни 89-85 во дуелот од 12. коло од Евролигата. Белградскиот тим втор натпревар по ред мораше добро да се испоти за да запише нови бодови и по продолжение од пет минути успеа да го надигра францускиот тим.

Гостите водеа со 32-35 на паузата, но избраниците на Жељко Обрадовиќ прикажаа подобра игра во второто полувреме и во завршните минути имаа поголема концентрација од ривалот. Монако во последната минута успеа да дојде до ново израмнување со тројката на Мајк Џејмс, а Партизан не го реализираше последниот напад преку Кевин Пантер, па победникот мораше да биде решен по продолежние од пет минути. 

Домаќинот започна во подобар ритам, Партизан одново покажа „заби“ во моментите кога е најважно и втор натпревар во низа доаѓа до триумф по дополнителни пет минути игра (тоа им појде од рака и на мечот со Панатинаикос). Поените на Ледеј и Пантер ја направија разликата и по тензични моменти и безброј прегледувања на снимката, АБА-шампионот славеше важна победа. „Гробарите“ презадоволни ја напуштија салата, а конечниот резултат на крајот гласеше 87-85. Кевин Пантер беше најрасположен кај белградскиот гигант и запиша 25 поени зад своето име. 

Во репризата на минатогодишното финале, Реал Мадрид успеа да слави над грчкиот гигант Олимпијакос и среде Пиреја дојде до триумф со 71-77. 

Шпанскиот состав доби три четвртини во своја полза и заслужено дојде до единаесеттиот триумф во елитното натпреварување. Олимпијакос долго парираше и беше близу до егал-ситуација, но не успеа да го направи клучниот исчекор. Публиката во „Мир и пријателство“ создаде прекрасна атмосфера, но нивните миленици не успеаја да стигнат до позитивен резултат против актуелниот европски шампион и запишаа пораз од шест разлика. 

Најефикасен во редовите на Олимпијакос беше Томас Вокап со 17 поени, додека кај Реал Мадрид најдобар поединец беше Џанан Муса со 23 поени, а „дабл-дабл“ ефект запиша Марио Хезоња, кој имаше учинок од 18 поени и 10 скокови. 

Екипата на Баерн Минхен исто така по едно продолжение дојде до победа над Олимпија Милано со 91-84. Регуларното време го донесе резултатот 76-76, гостите од Италија се изборија за уште пет минути игра, но Баерн беше помотивиран во екстра времето и заслужено дојде до петтиот триумф сезонава. 

Алба Берлин исто така во многу неизвесен и неефикасен натпревар дојде до победа над Жалгирис и извојува триумф со конечни 64-62. Германскиот тим стигна само до вториот триумф сезонава и конечно стави крај на низата од шест последователни порази.