Паркер: НБА е огромен бизнис, Евролигата е секогаш квалитетна

Џабари Паркер ова лето беше најголемото засилување за шпанскиот гигант, Барселона. Американскиот кошаркар реши да се пресели во Европа и да заигра за каталонскиот клуб, а во разговор со медиумите, направи интересна паралела меѓу НБА и Евролигата. 

„Сакав да бидам дел од легитимна приказна. Барселона ми понуди одлични услови, но и шанса за компетитивност. Сакам секој натпревар да биде важен и секогаш да целиме кон добар и позитивен резултат. НБА лигата не го нуди тоа, таму има 10-12 екипи кои се борат за титулата, додека останатите ги интересира само драфтот. Како ќе дојдат до израз големите играчи, ако настапуваат во тимови кои немаат амбиција?

Евролигата е сосема поинаква приказна и затоа сакав да заиграм тука. Овде секој меч носи резултатска неизвесност, влогот е голем, сите се трудат да победат на секој натпревар. НБА е „разводнета“, погледнете што се случува. Играчи како Казинс, Хауард и Џон Вол се без ангажман во САД. Тоа е навистина поразително и трагично. 

Во Шпанија се чувствувам одлично и знам дека не погрешив со мојот избор. Можеби ќе се вратам во НБА, но тоа сигурно нема да се случи во следните две сезони. Многу би сакал да ја освојам Евролигата со Барселона, тоа би била круна на мојот престој тука. Имаме одлични играчи во ростерот и сезоната ја започнавме триумфално. Се надевам на големи нешта годинава“, изјави крилниот центар на Барса. 

Џабари Паркер се очекува да биде еден од лидерите на Барселона. Американецот има солидно НБА искуство зад себе и во минатото настапуваше за Милвоки, Чикаго, Вашингтон, Атланта, Сакраменто и Бостон. Неговиот севкупен НБА просек изнесува 14,1 поен, 5,5 скокови и 2,4 асистенции по натпревар.