• Саше Љолес

Кошаркарите на Панатинаикос во последната четвртина го скршија отпорот на Жалгирис и извојуваа победа со 89-76 во натпреварот од 23. коло од Евролигата.
Актуелниот европски шампион одигра бледо прво полувреме и имаше негатива од дури седумнаесет поени (34-51), но во вториот дел возврати со уште поголем удар и успеа дури да забележи убедлив триумф на крајот. Жалгирис потполно се загуби во силната одбрана на „детелниките“, во последната четвртина постигна само шест поени, додека на спротивната страна домаќинот „решеташе“ и погодуваше од сите можни позиции.
Литванскиот состав ја одигра можеби најлошата четвртина во историјата и на крајот заслужено загуби со 89-76.
Најефикасен во победничкиот состав беше одличниот Кендрик Нан со 26 поени, а во тимот на Жалгирис се истакна Лони Вокер со 19 поени.
Анадолу Ефес ја здроби Олимпија Милано на Ненад Димитријевиќ со огромни 110-66. Нашиот репрезентативец се врати по повредата и постигна четири поени. Неиграњето на Миротиќ остави голема трага кај „манекените“ на Еторе Месина.
На останатите натпревари во денешните термини бевме сведоци на неколку интересни резултати. Црвена Звезда загуби од Макаби во Белград со 85-73 и ја прекина својата серија на позитивни резултати.
Монако славеше кај Виртус Болоња со 80-86, додека Реал Мадрид успеа да извојува минимален триумф над Басконија со 90-89. Победата ја донесе Хрватот Марио Хезоња со тројка со звукот на сирената.