ПАО ќе ја брани титулата со искусен плејмејкер од Макаби

Актуелниот европски шампион, Панатинаикос, очигледно има намера да создаде уште посилен тим за следната сезона и повторно да го нападне тронот во Евролигата. 

Во тимот сигурно останува тренерот Ергин Атаман, а првото звучно засилување пристигнува од екипата на Макаби. Натурализираниот шпански плејмејкер, Лоренцо Браун, веќе слета во Атина и наскоро се очекува да потпише договор со „детелинките“, откако ќе ги мине задолжителните медицински прегледи. 

33-годишниот Браун даде кратка изјава на атинскиот аеродром и рече дека верува во проектот на ПАО, а воедно изрази задоволство што ќе има можност да соработува со искусен тренер како Атаман. 

„Дојдов во Атина да ја освојам Евролигата. Чест е да играм за овој славен клуб и пресреќен сум што ќе соработувам со Ергин Атаман. Се надевам дека со моите игри ќе придонесам за уште една успешна сезона на Панатинаикос“, рече плејмејкерот. 

Лоренцо Браун во Европа се прослави играјќи за Црвена Звезда, а потоа настапуваше за Фенербахче, Уникс Казањ и Макаби Тел Авив.