ПАО и Кендрик Нан го освоија Мадрид по едно продолжение и драма со 227 поени!

Екипите на Реал Мадрид и Панатинаикос одиграа неверојатно драматичен натпревар во десеттото евролигашко коло, а победата на крајот замина кај гостинскиот тим, кој славеше со конечни 112-115. Дуелот во шпанската престолнина понуди голема неизвесност и прекрасна кошарка од двете страни.

Грците имаа одлично прво полувреме и прикажаа дека се многу расположени за игра. По првите десет минути ПАО имаше шест поени предност, а на паузата резултатот гласеше 48-51. Во втората четвртина „детелинките“ имаа дури и 15 поени позитива, а Реал не би бил Реал ако не „покаже заби“.

Неизвесноста продолжи и во второто полувреме. Гостите постојано имаа мала предност, највисоката беше +8, но Шпанците возвратија во последната четвртина со силен удар на пет минути до крајот. 

„Кралевите“ го презедоа водството и стигнаа до 87-84. Во овие моменти блескаше Алберто Абалде, кој погоди неколку важни поени. Жељко Обрадовиќ реагираше со тајм-аут и ги смири играчите, а ПАО возврати со серија од 7-0. 

Драмата продолжи и до последните секунди, гостите имаа 3-4 поени предност, но Абалде погоди за 99-97, а потоа Панатинаикос ја загуби топката и му направи фаул за слободни фрлање. Двапати прецизен беше Италијанецот Прочида, па така стигнавме до 99-99 на 7,7 секунди до крајот.

Кендрик Нан се намести на линијата за „пенали“ и не погреши. Последниот напад го имаше Реал, реализираше Андрес Фелиз и заминавме во продолженија откако мечот заврши со 101-101. Панатинаикос одново прикажа добра игра во дополнителното време и успеа да побегне на +5, па и покрај фаулот на Јабуселе за (3+1) во последната секунда, Реал не успеа да внесе нова драма и загуби со конечни 112-115. Кендрик Нан беше феноменален кај гостите со 33 поени, а во редовите на Реал Мадрид најдобри беа Андрес Фелиз со 27 поени и Алберто Абалде со четири поени помалку. 

За ПАО ова е осма победа и уште ја држи лидерската позиција во Евролигата, додека Реал Мадрид сега има скор од 6-4 на деветтата позиција.