• Зоран Мишевски
Европскиот шампион Панатинаикос запиша голема победа во европската „класика“ против Барселона во „О.А.К.А.“ во Атина. „Детелинките“ водеа во текот на целиот натпревар и на крајор се радуваа со 90-89. Кендрик Нан со 29 поени беше апсолутно прво име на натпреварот.
Тринкиери се врати во Белград, сега како тренер на Жалгирис, но загуби од разиграниот Партизан со 84-78. Ова е трета победа за екипата на Жељко Обрадовиќ, која очигледно се разигра по добиеното градско дерби со Црвена Звезда пред две недели. Во одличното колективно издание на „црно-белите“, Карлик Џонс со 17 и Нтиликина и Тирик Џонс со по 15 поени беа најефикасни. Лоно Вокер со 24 поени беше најсветла точка во литванскиот табор.
Изненадување приреди Асвел, кој пред своите гледачи во Лион го надигра европскиот вицешампион Реал Мадрид со 80-78. Тео Маледон со 23 и Париз Ли со 15 поени беа најдобри поединци во победничкиот тим.
Фенербахче на Шарунас Јасикевичиус загуби во „Буеса Арена“ од Басконија на Пабло Ласо со 88-76.
Во „Абди Ипекчи“ во Истанбул, Анадолу Ефес го надигра Баерн Минхен, кој вторпат по ред прими преку сто поени. Баварците загубија со 101-90 во Турција.
Париз Баскет продолжи да меле во елитата и славеше во Белград против Макаби Тел Авив со 81-93. Ти Џеј Шортс со 22 поени повторно беше најдобар поединец кај Французите, а кај Макаби, Леви Рендолф постигна 14 поени.
Нено Димитријевиќ и Олимпија Милано утревечер ја пречекуваат Црвена Звезда во култната дворана „Форум“.