Панатинаикос и Партизан прават трејд: Шортс, сепак, доаѓа во Белград!?

Европската кошаркарска сцена би можела наскоро да стане сведок на еден од најинтересните трансфери оваа сезона. Според медиумите од Србија, постои реална можност за размена на играчи меѓу белградски Партизан и грчкиот гигант Панатинаикос, во која би биле вклучени Џабари Паркер и Ти-Џеј Шортс,

Двајцата кошаркари летово пристигнаа во своите клубови со големи очекувања и статус на засилувања што треба да направат разлика на највисоко ниво. Паркер, поранешен НБА играч и втор пик на драфтот во 2014 година, беше дочекан како потенцијален лидер на составот на Жељко Обрадовиќ. Сепак, неговата форма осцилира, а ограничената минутажа и проблемите со конзистентноста направија дел од навивачите да се запрашаат дали Aмериканецот е вистинското решение за тим со највисоки амбиции.

Слична ситуација го следи и македонскиот репрезентативец во Атина. Шортс пристигна во Панатинаикос ова лето како едно од најзвучните засилувања, откако минатата сезона со француски Париз ја имаше својата најдобра година во кариерата. Тој беше еден од најзаслужните за историскиот пласман на Париз во плејофот на Евролигата, освои место во идеалната петорка и имаше номинација за МВП на сезоната. Во 37 натпревари тогаш бележеше просек од 19 поени, 7,3 асистенции и 22,8 индекс поени по меч. Сепак, неговата авантура во Атина засега не го следи истиот тек. Во првите девет натпревари сезонава, Американецот има просек од само 6,1 поен и 2,7 асистенции за околу 15 минути на терен. Овие бројки се далеку под очекувањата и потенцијалот кој го покажа минатата година, а токму тоа предизвика реакција кај тренерот Атаман.

Во последните денови, медиумите во Србија и Грција интензивно шпекулираат дека потенцијалната размена би можела да биде решение кое ќе им користи и на двата клуба. Партизан би добил разигрувач со одличен преглед на играта и енергија која недостасува на бековските позиции, додека Панатинаикос би ја засилил внатрешната линија со физички доминантен Паркер, кој и понатаму може да биде клучен фактор под кошот доколку го пронајде вистинскиот ритам.