• Иван Димовски
Кошаркарите на Полска се пласираа во четвртфиналето на Евробаскетот, откако славеа во драматична средба со Босна и Херцеговина (80-72) во Рига. Долго време се играше израмнета средба, екипите се менуваа во водството, ама во завршницата Полјаците имаа повеќе концентрација и нерви за конечно славје.
Босанците имаат за што да жалат бидејќи во средбата влегоа перфектно и поведоа дури двоцифрено, најмногу со 11 поени. Се одржуваше балканската селекција во предност во првиот дел, но како што минуваше времето истата се намалуваше. На пауза резултатот гласеше 40-44.
И во вториот дел Босна и Херцеговина држеше водство сè до 56-56. Откако Полска дојде до егал како да доби сигурност и со одлична игра во последната четвртина стигна до сигурна победа. Огромен проблем беше повредата на Џон Робертсон во последниот период, а тоа Полјаците знаеја да го казнат.
Прво име во победата на Полска беше Лојд со 28 поени, додека одличен беше и Понитка. Кај Босанците се истакна Нуркиќ со 20, додека Робертсон додека беше на теренот уфрли 19 поени.



