Падна одмазда: Немилосрдната Ц. Звезда со 54 разлика го уништи Златибор за Ф4!

Кошаркарите на Црвена Звезда се пласираа на завршниот турнир во домашниот шампионат на Србија, по убедливата победа над Златибор во решавачкиот натпревар од четвртфиналето. Пред своите навивачи, „црвено-белите“ целосно ги надиграа своите ривали од Чајетина и славеа со резултат од 116-62, со што на најдобар можен начин се одмаздија за болниот пораз од пред неколку дена.

Од самиот почеток беше јасно дека евролигашот сака да стави крај на сè што се случи на претходната средба. Агресивната одбрана и одличната енергија беа одлучувачкиот фактор за победата на „црвено-белите“ од 54 поени разлика.

Најефикасен во победничкиот тим беше Џордан Нвора со 26 поени, додека Огњен Добриќ и Никола Ѓуришиќ додадоа по 15. На другата страна, Лајси и Савиќ впишаа по 12 поени.

На завршниот турнир, Црвена Звезда за финале ќе се бори против победникот од дуелот помеѓу Спартак Суботица и Борац Чачак.