Ова го има само во Белград: Ц. Звезда од 16 поени предност до пораз од Партизан!

Кошаркарите на Партизан и Црвена Звезда одново одиграа епски натпревар во Евролигата, кој на крај заврши со луда победа на „црно-белите“ кои се вратија од негатива од 16 поени и го треснаа големиот ривал со 79-76.

Првата четвртина донесе израмнета игра и мал број поени на двете страни. Црвена Звезда во неколку наврати се одлепи на шест поени предност, но на првата мала пауза се замина со три предност за „црвено-белите“. Ништо не се промени ниту во вторите десет минути, само што овој пат актерите беа за нијанса порасположени за поентирање и резултатот на полувреме беше 35-39 за Црвена Звезда.

Третата четвртина мина во знакот на гостите. Момците на Обрадовиќ за првпат ја поминаа границата од десет поени водство, а највисокото беше +16. Но, ниту тоа не им донесе мирен финиш на „црвено-белите“. Партизан мудро ја чекаше својата шанса, а откако почувствува дека противникот влегува во грч, почна да ја топи предноста и во последната минута да влезе со предност. Црвена Звезда имаше напад за продолженија, но Батлер не реализираше и Партизан извојува неверојатна победа од 79-76.

Вашингтон со 25 и Бонга со 16 поени беа најзаслужни за оваа пресврт победа на „црно-белите“, додека за Црвена Звезда по 20 поени постигнаа Батлер и Нвора.

На останатите натпревари од вечерашната програма во Евролигата екипата на Барселона славеше над Олимпијакос од 98-85, а во Италија Виртус Болоња загуби од Хапоел Тел Авив со 74-79.