• Иван Димовски
Шпанија и официјално ги претстави своите амбициозни планови за Евробаскетот во 2029 година, турнир кој ќе се одржи во четири земји. Покрај Шпанците домаќини ќе бидат и Словенија, Естонија и Грција.
Најголемо внимание привлече најавата за отворањето на шампионатот, кое ќе се одигра на стадионот на Реал Мадрид во Мадрид пред дури 80.000 гледачи. Станува збор за историски потег, бидејќи никогаш досега натпревар под капата на ФИБА не бил одигран пред толкава публика.
„Првиот натпревар ќе се одигра пред 80.000 луѓе, нешто што никогаш не е видено под капата на ФИБА. Тоа ќе придонесе кошарката да отвори ново поглавје во историјата и да го заземе местото кое и припаѓа“, изјави претседателката на шпанската федерација, Елиса Агилјар.
За сето ова се очекува и официјална потврда од страна на ФИБА.

